Почеток на крајот: Европа почна со вакцинација против коронавирусот

47

Европската унија во неделата започна со масовно вакцинирање против коронавирусот за да се “заузда“ пандемијата којашто ја уништи светската економија и со себе однесе 1,7 милиони човечки животи во светот, пишува Ројтерс.

Први кои ја примаат вакцината се пензионери и здравствени работници кои се најмногу изложени на ризик од зараза.

Надвор од ЕУ, Велика Британија, Швајцарија и Србија претходно започнаа со вакцинирање на населението.

Унгарија, Словачка и Германија со вакцинирање започнаа еден ден порано, а први кои ја примија вакцината се постари лица и здравствени работници.

Европската унија, што има 450 милиони жители, склучи договори со повеќе доставувачи за над две милијарди дози, а целта е да се вакцинираат сите полнолетни лица во текот на идната година.

Многу анкети, сепак, покажуваат дека има луѓе во земји како што се Франција и Полска кои се сомневаат во вакцините и нивната “моќ“ да го вратат животот во нормала.

Освен болниците и домовите за стари лица, спортски и конференциски сали станаа центри за масовно вакцинирање.

По откривање на нова мутација на вирусот во Велика Британија, расте бројот на земји коишто сакаат брзо вакцинирање на населението.

Фото: Freepik