Почина Џек Велч – менаџер на векот

162

Почина Џек Велч, поранешен извршен директор на General Electric (GE), под чие водство, во осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век, стана највредната компанија во САД. Почина на 84 годишна возраст.

Откако стана најмлад извршен директор во историјата на GE, на чело на компанијата беше 20 години, а за време на неговото “владеење“ акциите на компанијата пораснаа за 3.000%. Во 1999 година GE стана најголема светска компанија по пазарна вредност којашто тогаш изнесуваше околу 500 милијарди долари. Fortune истата година го прогласи за менаџер на векот.

За време на своето работење, Велч ја направи компанијата многу повеќе од индустриски гигант и тоа благодарение на бројните аквизиции и ширење на бизнисот во финансии и консултантски услуги. Како што пишува Bloomberg, ја основаше и GE Capital bank.

Во 1960 година, Велч се приклучи на GE како хемиски инженер во одделението за пластика во Питсфилд, Масачусетс.

Во декември 1980 година, беше објавено дека ќе го наследи извршниот директор Реџиналд Џонс и во април 1981 година ја презеде функцијата како осми претседател и извршен директор на компанијата. Тој работеше на таа позиција сè до пензионирањето во септември 2001 година. Кога се пензионирал, тој oд GE добил 417 милиони американски долари.

Во 2006 година, неговото нето богатство беше проценето на 720 милиони американски долари.

Фото: Facebook