
Во САД на 93-годишна возраст почина Чарлс „Чак“ Фини, претприемач и инвеститор кој го донираше своето богатство од милијарди долари во хуманитарни цели.
Фини заработил голем дел од своето богатство откако го основал Duty Free Shoppers (DFS), синџир на луксузни аеродромски продавници без царина во 1960 година со колега од Универзитетот Корнел.
Големите пари дојдоа во 1996 година, кога Фини ги продаде своите акции во DFS на францускиот конгломерат за луксузни стоки LVMH.
Фини беше поборник за „давање додека живееш“.
„Многу е позабавно да даваш додека си жив отколку да даваш кога си мртов“, вели Фини во својата биографија “The Billionaire Who Wasn’t.
Скромен живот во стан под кирија
Фини ја основал Atlantic Philanthropies во 1982 година, пренесувајќи ги сите свои деловни средства на неа две години подоцна, според фондацијата. Фондацијата ги затвори вратите во 2020 година, откако соопшти дека успешно ги дистрибуирала сите свои средства.
Севкупно, Atlantic Philanthropies дадоа грантови во вкупна вредност од 8 милијарди американски долари на пет континенти – главно анонимно. Донациите го поддржаа образованието, здравството, човековите права и многу повеќе. Фондацијата на Фини донираше инфраструктура во Виетнам, универзитети во Ирска и медицински центри посветени на изнаоѓање лекови за рак и кардиоваскуларни болести, се наведува на веб-страницата на фондацијата.
Фини избра да живее штедливо во последните три децении од својот живот, вели неговата фондација. Тој немал автомобил или куќа, претпочитајќи да живее во изнајмен стан во Сан Франциско.
Фото: Facebook











