Почитувањето на сообраќајната сигнализација не е право на избор

39

Сите ние секојдневно и директно учествуваме и сме дел од сообраќајот. Сведочиме за голем број негативни примери на непрописно и опасно учество во сообраќајот, непочитување на сообраќајните правила и прописи, непочитување на поставената сообраќајна сигнализација, ниско ниво на култура, етика, толеранција и ниско ниво на меѓусебно почитување кај учесниците во сообраќајот.

Ваквата состојба резултира со голем број сообраќајни незгоди и голем број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.

Фактот што загрижува е непочитување на поставената сообраќајна сигнализација. Ова постепено прераснува во секојдневна лоша навика, непишано правило за кое сите имаат свое лично оправдување и изговор. Лесно се заборава дека почитувањето на сообраќајната сигнализација, почитувањето на сообраќајните правила и прописи и почитувањето на сообраќајните знаци, не е право на избор, туку законска, морална и етичка одговорност на секој учесник во сообраќајот, без разлика дали учествува во сообраќајот како пешак, велосипедист, мотоциклист или како возач на моторно возило.

Анкетите на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) покажуваат дека околу 50% од возачите, не секогаш ги почитуваат сообраќајните знаци и поставената сообраќајна сигнализација.

Сообраќајните знаци се азбуката на сообраќајот, а сообраќајните правила се основниот начин за комуникација и разбирање меѓу учесниците во сообраќајот. Секое непочитување на сообраќајните знаци, односно непочитување на поставената сообраќајна сигнализација, значи сообраќаен метеж, хаос во сообраќајот, сообраќајна незгода со материјална штета или незгода со загинати и повредени лица.

Учесниците во сообраќајот се должни да постапуваат во согласност со прописите и правилата што важат во сообраќајот, во согласност со сообраќајната сигнализација поставена на патот, во согласност со сообраќајните знаци и со наредбите што ги даваат полициските службеници.

Учесниците во сообраќајот се должни да се придржуваат кон ограничувањата, забраните и обврските изразени со сообраќајни знаци.

Ова се основните одредби на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата што треба да ги почитува секој учесник во сообраќајот, а гарантираат минимум прифатливо ниво на безбедност во сообраќајот.

Безбедноста во сообраќајот е сериозна работа и ниедна импровизација, изговор или оправдување не може да ги надомести последиците.Последиците од сообраќајните незгоди, пак, не дозволуваат таква “комоција“ и такво ноншалантно однесување за да не се почитуваат сообраќајните правила и сообраќајната сигнализација.

Затоа, РСБСП го повикува секој учесник во сообраќајот, да не бара изговори, објаснувања или оправдувања бидејќи едноставно не постојат. Секој учесник во сообраќајот има право безбедно да се движи и има обврска да придонесува за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

Без изговори! Без оправдувања! Максимално почитувај ја поставената сообраќајна сигнализација, секогаш и секаде! Биди одговорен учесник во сообраќајот!