Патниците од Србија кои со автомобил доаѓаат во Северна Македонија од денеска на Граничниот премин Табановце добиваат М-Смарт картички со 760 денари за плаќање патарина во двата правци на автопатот Пријателство, од Табановце до Богородица – на граница со Грција.
Една картичка по автомобил ќе биде дадена на влезот на граничниот премин Табановце, што ќе го контролираат Министерството за внатрешни работи и Јавното претпријатие за државни патишта.
Картичките остануваат во трајна сопственост на граѓаните на Србија, кои ќе можат да ги надополнуваат преку системот е-картичка, со најмалку 300 денари, за следниот влез во Северна Македонија.
Вкупно, владата предвиде 172 милиони денари (2,8 милиони евра) за набавка на овие 200 илјади М-Смарт картички за електронско плаќање патарина.
Јавното претпријатие за државни патишта вчера ги предаде првите 60-тина илјади М-Смарт картички од вкупната бројка од 200.000 и од денеска припадници на Министерството за внатрешни работи веќе ги делат на српските туристи кои влегуваат во земјава, на пат кон Грција.
Ослободувањето од плаќање патарина ќе трае од 15 јуни до 15 август. Србија донираше осум илјади вакцини на Pfizer во февруари, а потоа во април уште 40 илјади вакцини Sputnik V. Исто така, во Србија се вакцинираа над 15 илјади македонски граѓани.
Фото: Pixabay