Почна изградба на нова индустриска зона, автобуска станица и пазар во Гевгелија

56

На локалитетот Прдејци вчера почна изградба на технолошко – индустриска развојна зона, со што ќе се овозможат услови за влез на покрупни инвеститори во гевгелискиот регион.

Зоната ќе опфаќа површина од 50 хектари и се наоѓа на десната страна од магистралниот пат Е-75, каде се определни 11 урбанистички блокови за производство, дистрибуција и сервисирање за јавни административни и комерцијални услужни дејности.

Премиерот Никола Груевски рече дека како Влада решиле покрај зоните во Скопје и Штип да изградат уште осум слободни индустриски зони.

“Веќе започнаа да се градат зоните во Кичево и Прилеп. Денес започнуваме со оваа зона во Гевгелија, а во следниот период ќе започне изградбата на индустриските зони и во Тетово, Струга, Радовиш, Струмица и Ранковце. Со изградбата на овие технолошко – индустриски развојни зони ќе се создаде терен за нови инвеститори кои ќе изградат нови фабрики и ќе отворат нови работни места во цела Македонија”, додаде премиерот.

Директорот на Дирекцијата за технолошко – индустриски развојни зони, Виктор Мизо потенцираше дека и во ТИРЗ Гевгелија ќе се задржат стандардите по угледот на веќе постоечките технолошко – индустриски развојни зони кои веќе се рангирани меѓу 50-те зони на иднината во изборот на FDI MAGAZINE (од 600 слободни економски зони) во светот.

Вчера во општина Гевгелија почнаа градежните работи и на новата автобуска станица и новиот градски пазар кој ќе се простира на површина од околу 6.000 метри квадратни. Вредноста на новата автобуска станица изнесува 11,5 милиони денари, а изградбата треба да заврши во рок од 120 дена.