Почна изградба на обиколница Тетово, инвестиција од 12 милиони евра за 5,4 километри пат

40

Дваенаесет милиони евра ќе бидат инвестирани во обиколница околу Тетово во должина од 5,4 километри на потегот од клучката „Требош“ до Непроштено, чија изградба почна денеска во присуство на техничкиот премиер, министри, пратеници и  претставници на локалната самоуправа.

– Изградбата на оваа обиколница е проект со кој ќе го забрзаме економскиот развој на регионот, ќе го растовариме сообраќајот и ќе го олесниме пристапот на многу компании кои работат во овој дел на државата, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Тој нагласи дека инвестицијата во износ од над 12 милиони евра е значаен придонес за развој на патната мрежа низ државава и ќе биде огромно олеснување за сите граѓани од Тетово, Желино, Теарце, Јегуновце и сите останати мста кои се поврзани со овие општини.

Средствата се обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта ЈПДП како дел од годишната инвестициска програма. – Предвидено е да се изградат 5,4 километри пат, односно обиколницата ќе има по две коловозни ленти од двете страни во ширина од вкупно 6. 60 метри. Од двете страни на патот ќе има паралелни тампонски сервисни патишта по целата должина на делницата со ширина од околу три метри, информира директорот на ЈПДП Рустеми.