Почна постапката за доделување радиофреквенции за 5G – до крајот на 2027 година сите градови со 5G сигнал

56

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ја стартуваше постапката за објава на тендер со којшто ќе додели одобренија за користење на радиофреквенции за петтата мобилна генерација 5G. Регулаторното тело објави намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за издавање ограничен број одобренија за користење на радиофреквенции и отвори јавна расправа за објавениот број одобренија која ќе трае до петти следниот месец. Дотогаш заинтересираните страни треба да достават намера за добивање радиофреквенции.

Предмет на јавниот тендер се: – 2х30 MHz во фреквенциски опсег 694-790 MHz, – 328.5 MHz во фреквенциски опсег 3400-3800 MHz и 800 MHz во фреквенциски опсег 24.25-27.5 GHz, стои во објавата.

Агенцијата планира да додели три одобренија за користење на радиофреквенции во опсегот 700 MHz, седум одобренија за користење на радиофреквенции во опсегот 3.x GHz и четири одобренија за користење на радиофреквенции во опсегот 26 GHz.

“Ако бројот на заинтересираните страни е помал или еднаков на предвидените одобренија за доделување тогаш постапката продолжува со поднесување барања до АЕК од заинтересираната страна. Ако тој број е поголем постапката продолжува со постапка на јавен тендер или јавен тендер со јавно наддавање како што е предвидено во член 134 од Законот за електронски комуникации“, изјавија за МИА од АЕК.

Од АЕК во објавата појаснуваат дека фреквенциските опсези 700 MHz, 3.х GHz и 26 GHz согласно своите пропагациски карактеристики претставуваат важен ресурс за обезбедување електронски комуникациски услуги на корисниците преку 5Г мрежа.

“Поради ограничениот слободен фреквенциски ресурс од само 2х30 MHz, 368.5 MHz и 2.7 GHz, соодветно за горенаведените опсези, потребно е да се ограничи бројот на одобренија. Во согласност со регулаторната политика во однос на користењето на радиофреквенции за обезбедување на јавни мобилни електронски комуникациски мрежи/услуги, за обезбедување на услови за присуство на пазарот на повеќе од два мрежни оператори на јавни мобилни електронски комуникациски мрежи/услуги, Агенцијата планира одобренијата А1 и В1 да ги резервира за доделување на нов мрежен оператор“, наведе АЕК во образложение за причините за објавениот ограничен број одобренија за користење на радиофреквенции што ќе се издаваат.

Операторите што ќе добијат одобрение за национално покривање се должни со новоиздадените и постоечките одобренија за користење на радиофреквенции да обезбедат покриеност, согласно Националниот оперативен бродбенд план. Конкретно, до крајот на 2023 година најмалку еден град да биде покриен со 5G сигнал, а до крајот на 2025 година, главните коридори согласно Договорот за основање на транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал. До крајот на 2027 година сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал, а до крајот на 2029 година, секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.

Сите заинтересирани страни што сакаат да ги користат објавените радиофреквенции треба да достават писмо за искажување интерес најдоцна до 5 јули годинава во архивата на Агенцијата за електронски комуникации на адресата Кеј Димитар Влахов бр.21 1000 Скопје.

Фото: Freepik