Почнувајќи од денес целокупната постапка за издавање одобренија за градба во сите општини во Македонија ќе се одвива електронски. Барањето ќе се поднесува електронски и одобрението ќе се издава во електронска форма. Доколку се издаде во печатена форма, тоа ќе биде неважечко.
Целокупниот процес од апликација се до издавање одобрение за градба и жалбената постапка ќе се одвива по електронски пат. Општините исто така ќе комуницираат електронски со своите служби во рамки на општината, како и со институциите и јавните претпријатија од кои треба да ги добијат соодветните согласности.
Откако ќе се констатира дека сите документи се во ред, општината по електронски пат ќе биде информирана дека се платени комуналиите, и одобрението ќе биде дадено исто така по електронски пат. Со ова постапката ќе се поедностави, забрза и ќе стане потранспарентна, бидејќи секој барател во секој момент ќе може да види кај кого е неговиот предмет. Досега според законското решение дозволата требаше да се издаде до 45 дена, а сега се очекува тоа да се скрати.
Општините ќе го користат софтверот на ЗЕЛС, а за да функционира системот треба да набават и електронски потпис.