Почнува потрагата по нафта во Црна Гора

136

Италијанско-рускиот конзорциум Eni-Novatek денеска треба да започнат со истражувачко дупчење, што треба да покаже дали има нафта  под морето кај Црна Гора, соопштија од Министерството за капитални инвестиции за порталот CdM.me.

Платформата за дупчење Topaz Driller  пристигна во Црна Гора во средината на март. Претходно, владата објави дека првото дупчење за нафта ќе биде на длабочина од 6.525 метри, а второто дупчење ќе биде поплитко.

Концесионерите Eni-Novatek, во согласност со обврските од Договорот за концесија за истражување и производство на јаглеводороди, извршија 3Д сеизмички истражувања на крајот на 2018 година, а во текот на 2019 година беа обработени собраните податоци, како и геолошки и геофизички студии. Врз основа на обработените податоци, дефиниран е проспектот за кој се изведува првото истражувачко дупчење.

Еколошките невладини организации сметаат дека ова истражување може да ја загрози животната средина, со што се согласуваат жителите на Улцињ.

Од црногорската влада се надеваат дека Црна Гора ќе излезе со бројни придобивки по овој проект и дека земјата потоа ќе ја диверзифицира својата економија, бидејќи повеќе нема да зависи само од туризмот.

Фото: Pixabay