Почнува Самитот Македонија 2025 – во фокусот забрзување на економскиот раст, дигитализација и вештачка интелигенција

Поттикнување на економскиот раст, дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината, усогласување на стопанските можности на државата со мудри вложувања, употреба на вештачката интелигенција, повраток на инвестициите и значењето на дијаспората во државниот напредок, ќе бидат во фокусот на Самитoт „Македонија 2025“, кој ќе започне денес во Скопје.

Економски стручњаци, директори на тинк-тенкови, поранешни и сегашни премиери и министри од државава и од странство, како и експерти од научната сфера од многу земји, ќе говорат на панел дискусиите на Самитот, на кој се очекува да присуствуваат приближно 550 гости.

Официјалниот дел на самитот ќе го отворат Виктор Мизо, претседавач на Одборот на директори на Македонија 2025 и Никица Мојсоска Блажески, извршна директорка на Македонија 2025.

Клучните теми на Самитот ќе бидат разработени во 14 панел сесии на кои ќе учествуваат 36 врвни говорници од Македонија и светот.

Акцентот ќе биде ставен на неопходноста од забрзан стопански раст и моделите како тој да се реализира, како и на дигиталната преобразба, иновациите, привлекувањето туѓи инвестиции и борбата против корупцијата.

На панелите и преку интервјуа со глобални и домашни лидери, ќе се дискутираат конкретни решенија и добри меѓународни практики за конкурентна, одржлива и поврзана Македонија.

Во склоп на Самитот, ќе се организираат и пет лидерски средби, два настани за вмрежување и осум посебни обуки и работилници за компании, млади таленти и владини институции.

На овие случувања ќе бидат присутни говорниците од Самитот и членовите на Одборот на директори на Македонија2025. Активностите поврзани со Самитот ќе завршат на 15-ти мај.

„Надвор од политиката: Економската визија и лидерското патување на премиерот Христијан Мицкоски“ е насловен првиот панел на кој ќе говори македонскиот премиер.

Поранешниот премиер на Грузија Ник Гилаури е најавен дека ќе говори на панел дискусијата „Економски пресврт преку болни реформи“, чиј модератор ќе биде Мајк Зафировски, додека поранешниот министер за финансии на Полска Тадеуш Кошчински ќе говори на темата „Различни патишта, една дестинација: Стратегии за економски раст“.

На овој панел е најавен и поранешниот американски амбасадор во државава Филип Рикер.

На тема „Трговија, талент и иднина на глобалните економски партнерства“ ќе говори амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати во земјава, Абдула Али Атик Обеид АлСубуси.

Македонскиот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски е најавен на панелот „Дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината“, каде што ќе говори и Матијас Дауб, основач на „Сосиетек“.

Учесниците ќе дискутираат и на теми за децентрализација на моќта – иднината на парите, медиумите и дигиталната слобода, потоа за редефинирање на стратегии за странски директни инвестиции – усогласување на економскиот потенцијал на земјава со паметни инвестиции, ќе се дискутира и за образование на иднината – обликување лидери, мислители и иноватори.

Еден дел од самиот ќе биде посветен и на вештачката интелигенција преку панел-дискусиите: „Вештачка интелигенција, истрајност и неконвенционалниот пат: Инспиративен разговор со Дао Џенсен“, „Револуција на вештачката интелигенција: Како технологијата ги преобликува традиционалните индустрии“, „Нова ера: Како вештачката интелигенција го редефинира нашиот свет“.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се очекува да има обраќање на затворање на Самитот Македонија 2025.

Во рамки на Самитот ќе бидат доделени награди за академска извонредност на Фондацијата Атанас Близнакоф.

Самитот на Македонија2025 е регионален настан со најдолга традиција чија цел е размена на искуства и нови трендови, вмрежување на компаниите од регионот и дијаспората, како и инспирирање на промени во Југоисточна Европа.