Почнува со работа фабриката Кранфилд Фаундри во Пробиштип

364

Во индустриската зона Неокази, во Пробиштип, почнува со работа фабриката Кранфилд Фаундри, информираат од македонската влада. Компанијата ќе се занимава со производство и обработка на одлеаноци од сиво и нодуларно железо.

“Компанијата ги ангажираше Гемко Каст Метал Технолоџи од Холандија, светски лидер специјализиран за проектирање и инженеринг на нови капацитети за производство и обработка на производи од железо, ДИСА (DISA) од Данска и АБП (ABP) од Германија за технологија и машини, како и мултинационалната компанија Donaldson со седиште во САД, за филтрациски систем за заштита на работната средина“, рече премиерот Зоран Заев.

Во овој момент во фабриката се вработени 58 лица, а се очекува нивниот број да достигне 300.

Инаку, Кранфилд Фаундри е компанија за производство и обработка на одлеаноци од сиво и нодуларно железо, којашто употребува исклучително само електрична енергија. Во процесот на работа строго е забрането употреба на суровини кои содржат штетни материи, за да може да се испорача производ којшто ги задоволува сите стандарди за квалитет, безбедност и заштита на животната средина.

Станува збор за инвестиција којашто, како што се наведува, не е трудоинтензивна, односно станува збор за капитално интензивна инвестиција којашто вработува високо стручни луѓе.

“Станува збор за  високо технолошки автоматизирана линија за калапирање, а потоа и леење на челик, од којшто ќе се произведуваат делови коишто се наменети за градежништвото, пред сѐ, за автомобилската индустрија во иднина, како и за други различни намени. Кранфилд Фаундри е извозно ориентирана компанија, што е добро, затоа што ќе носи дополнително додадена вредност во нашата држава“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.