PocketLab Air – сензор што го мери квалитетот на воздухот

42

1e6a00dc3a0bdb23947546c5476784a8_original

Фото: Kickstarter

PocketLab Air е мал сензор што ги мери количествата на штетните гасови во воздухот како јаглерод диоксид, озон, PM1, PM2,5 и PM10 честичките. Освен тоа ја мери и температурата, влажноста и барометарскиот притисок на воздухот. Со PocketLab Air може да се види како квалитетот на воздухот се менува од присуството на саѓи, чад, прав и други штетни емисии од возила, пожари, фабрики и слично.

Сензорот може да го пресмета индексот на квалитетот на воздухот (AQI) со мерење на честички чија големина изнесува 1, 2,5 и 10 микрометри. PocketLab Air може да го мери квалитетот на воздухот до висина од 250 метри, а податоците можат да се следат во реално време на било каков мобилен телефон, таблет и компјутер коишто имаат Bluetooth 4.0.

Мисијата на компанијата PocketLab, со седиште во Калифорнија, е луѓето да можат да го истражат светот што ги опкружува, но и да придонесат за подигање на свеста за квалитетот на воздухот што секојдневно се дише.

Производот има своја кампања на платформата Kickstarter каде досега има собрано 78.296 долари од побараните 25.000. Кампањата трае уште 19 дена.