Под кои услови ќе работат нашите во странство?

77

Министерството за труд и социјална политика вчера ги објави условите и начинот по кој Македонците ќе работат во странство. Упатувањето на градежни работници за изведување на проектни договори во странство се врши врз основа на претходно утврдена квота, од страна на Владата на државата во која се упатуваат работниците. За разлика од порано каде што распределбата на квотите ја вршеше Комисија, за прв пат во Министерството за труд и социјална политика се изготви софтверско решение со кое се воспоставува нов систем на електронска распределба на одобрените квоти. Со ова софтверско решение ќе се овозможи поголем увид во постапката, поголема информираност и поголема транспарентност на упатувањето на градежните работници во странство, објаснуваат од Министертсвото за труд.
Секоја заинтересирана компанија што аплицирала за добивање на работни дозволи на работници за работа во странство, има право да учествува на самиот чин на распределба на квотите, преку еден свој претставник, кој самата ќе го назначи. Врз основа на извршената распределба од софтверот, се донесува Одлука од страна на Комисијата, составена од претставници на министерствата за труд и социјална политика, за економија, за финансии, за транспорт и врски и Стопанската Комора на Македонија. Членовите на Комисијата, се именуваат за време од една година, но не повеќе од два мандати.

Во случај кога има упатување на работници за изведување на проектни договори во други земји преку однапред утврдени квоти, распределбата на определена квота ќе се врши по пат на јавен повик, објавен во дневниот печат. При распределба на квотата, во предвид се земаат следниве критериуми: вкупен број на вработени работници во трговското друштво на неопределено време; референци на трговското друштво во земјата и странство и степен на искористеност на претходно добиеното право на упатување работници за изведување на градежни работи преку проектни договори. Упатувањето на работници за вршење на сезонски работи се врши врз основа на претходно искажана конкретна потреба од работници од страна на работодавачот.

Барањето се доставува до Министерството за труд и социјална политика, што потоа го проследува до Агенцијата за вработување на Република Македонија. Според последните информации од македоските амбасади на Македонија во странство, во соседните и поблиските земји, заминале од 4.500 до 5.000 работници со работни дозволи. Од нив, околу половина се во Словенија.