Поддршка од 35 милиони денари за рибарство и аквакултура

30

RibarstvoСубјектите кои се занимаваат со рибарство и аквакултура ќе добијат вкупно 35 милиони денари или околу 600.000 евра субвенции. Јавниот повик е веќе објавен и ќе трае до 30 овој месец.

Од вкупните средства за субвенции, 15 милиони денари се планирани за произведена и продадена риба, а 20 милиони денари за произведен подмладок односно матици за риба.

Сите заинтересирани кои сакаат да аплицираат треба да ги поднесат потребните документи до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

На денешната прес-коференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев информираше дека со по 10 денари ќе се субвенционира секој килограм произведена и продадена риба од видовите виножитна пастрмка, поточна златовчица, крап, амур, сом и тостолобик, а со по 20 денари речната и охридската патрмка.

“Заради поттикнување на конкуренцијата и поддршка на сите субејкти кои постојат во овој сектор ќе се задржи скалестото субвенционирање. Сите субјекти кои поседуваат рибници во кои се произведува риба со капацитет до 25.000 килограми ќе добијат 100% од субвенцијата, рибниците со 25.000 до 50.000 килограми ќе добијат 75% од субвенцијата, рибниците од 50.000 до 100.000 килограми ќе добијат 50%, а оние кои имаат рибници со над 100.000 килограми ќе добијат 25% од субвенцијата”, појасни Ѓорѓиев.

Во однос на подмладокот, за чување на риба матица финансиската поддршка ќе се исплаќа во висина од 600 денари по риба со тоа што за видовите речна, виножитна и охридска пастрмка ќе се финансираат до 700 броја на произведена риба, за крапот ќе се финансираат најмногу до 300 риби, а за останатите видови до 50 произведени единици.

За набавениот производителен подмладок ќе се дава субвенција со која ќе се покријат 40% од трошоците за набавка на подмладокот.

“Рокот е фиксен и тој нема да биде продолжуван и затоа апелираме субјектите навремено да аплицираат. Овие 35 милиони денари кои Владата ги има издвоено како средства за поддршка се добра сума, а субјектите имаат доста време за подготовка за да ги поднесат апликациите, да влезат во процедура и да се стекнат со можноста да ги добијат средствата кои ги заслужиле и на тој начин да придонесат за развој на нивниот бизнис”, нагласи Ѓорѓиев.