Поддршка од 65 милиони евра за развојни проекти на над 840 компании

17

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши, денеска ја посетија компанијата Раде Кончар трансформатори и електрични постројки, една од 400-те компании, кои добија грант за реализација на нова инвестиција во 2020 година, преку јавниот повик за зголемување на конкурентност, спроведен од Министерството за економија.

Вицепремиерот Битиќи, по обиколката на трите производствени погони на компанијата Раде Кончар ТЕП, посочи дека е задоволен од инвестициските активности на компанијата, која во изминатите две години, се осмели и инвестираше речиси три милиони евра во унапредување на процесите, а притоа бележи сериозен раст на приходите и раст на бројот на вработени. Вицепремиерот посочи дека во 2020 година, и покрај светската криза предизвикана од коронавирусот Ковид-19, Владата креираше мерки, со кои е обезбедена рекордна поддршка за рекорден број на компании, се со цел нашите компании да реализираат нови развојни проекти и поподготвени да влезат во пост-ковид периодот.

“Јас сакам да ја искористам оваа можност и да потенцирам дека освен кризните мерки, ние оваа година реализиравме навистина рекордна поддршка на стопанството кога станува збор за развојни проекти на компаниите. Во 2020 година, дури и во услови на пандемија, собравме сили и обезбедивме рекордна поддршка за рекорден број на компаниите, која оваа година изнесува околу 65 милиони евра за над 840 фирми. Ќе се навратам на Јавниот повик за зголемување на конкурентноста на компаниите, преку кој со над 17 милиони евра, поддржавме 400 инвестициски проекти на компании кои вложиле во кризата. Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, преку мерките од Планот за економски раст, со 11,5 милиони евра, поддржавме 140 компании кои инвестирале во 2019 година. За 39 странски компании кои функционираат во зоните и надвор од нив, преку мерките за кои имаме склучено договори, во 2020 година имаме исплатено 25,6 милиони евра поддршка. Тука се и инструментите на Фондот за иновации и технолошки развој кои се спроведуваат континуирано, а само во 2020 година, со околу 8,5 милиони евра, директно се поддржани 266 компании“, нагласи вицепремиерот Битиќи и ги повика сите стопанственици да продолжат со реализација на нови инвестиции со кои ќе ја зголемат конкурентноста на домашниот и  меѓународните пазари.

Министерот Бектеши посочи дека во претходната година освен што се обезбеди поддршка на стопанството за зачувување на работните места, Владата креираше мерки со кои се помогна на компаниите коишто имаат храброст и во време на пандемија, да инвестираат, а преку тоа да ја зголемат нивната конкурентност и македонските производи да бидат пласирани не само во регионот туку и на други пазари.

“Ќе продолжиме во оваа насока да креираме мерки со кои ќе го поддржиме стопанството, особено компаниите кои се извозни ориентирани, па затоа со Кабинетот на Вицепремиерот и со другите надлежни институции веќе разговараме за измени и за дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, се со цел да го прилагодиме законското решение со последните случувања коишто произлегуваат од пандемијата, а во 2021 година да се олеснат критериумите за аплицирање, за да ги стимулираме компаниите да реализираат нови инвестициски проекти. Како што наведе и Вицепремиерот речиси 400 компании во текот на 2020 или до крајот на 2021 година, ќе ги завршат нивните инвестициони планови, кои согласно апликациите кои биле доставени и за кои е обезбедена поддршка, а вкупниот инвестициски циклус ќе биде во вкупна вредност над 90 милиони евра“, кажа министерот Бектеши.

Управителот на Раде Кончар ТЕП, Горан Антевски, посочи дека во изминатите три години, се направени сериозни инвестиции во модернизација на производството, во голема мера насочени кон заштита на животната средина и проширување на производствените процеси. Притоа ја оцени како позитивна поддршката од Владата и министерството за економија со чија помош беа набавени нови машини и опрема за поефикасно производство.

“Секако овие инвестиции што се направени последните три години допринесоа да го зголемиме производството, да го зголемиме бројот на вработени кој се зголеми само во последната година некаде околу 20%, а со зголемувањето на бројот на вработени се зголеми и производството рекордно 65% во 2020 година. Се надевам дека 2021 ќе биде и подобра затоа што тие нови инвестиции, нови проекти ни носат и подобар развој на компанијата“, рече Антевски.