Поддршка

23

poddrska

Фото: Pixabay

(иницирано од Дарко В. и посветено на сите наши поддржувачи уште од нашите почетоци) 

Ја знаете онаа игра што се изведува на тимски работилници, каде што групата се дели во два тима со свои надворешни набљудувачи. Тимовите имаат задача да извршат една не многу лесна активност. Додека тимовите ја изведуваат таа активност, на набљудувачите им се дадени инструкции, едниот тим да ги бодри и да дофрла од надвор дека можат да издржат, а другите го демотивираат својот тим. Од нашето досегашно искуство, генералниот ефект од играта е дека секогаш се постигнувало позитивен резултат кај мотивираниот тим. Веројатно тоа е и нормално. Најдобро, значењето на таа поддршка, може да се почувствува кај фудбалските тимови. Многу често знаеме да слушнеме дека навивачите се дванаесеттиот играч или сме биле сведоци каде што атмосферата и енергијата од навивачите била пресудна за остварување на некоја победа.

За да започнете некој бизнис или да се пробиете на пазарот како нови во бизнисот, покрај тоа што ви се потребни финансии, знаење, тим, истрајност, храброст и сите други елементи и карактеристики, од огромна важност е и поддршката од околината (фамилија, пријатели, соработници, социјално опкружување). Поддршката во секој момент од работењето е од огромно значење за вашите роднини, пријатели, колеги, соработници. Бидете поголеми мотиватори и нивни поддржувачи!

Но, многу често се случува и да слушнеме многу луѓе кои се откажале од своите намери и цели само затоа што не ја издржале демотивацијата од околината. Затоа, во овој неделен совет, ќе се потрудам да ви дадам неколку идеи што може да ги искористите со цел да се заштитите од негативната околина (доколку ја имате).

  1. Свесност: Да сте свесни за опкружувањето, но и за себе. Има секакви луѓе околу вас. Некои од нив навистина ви мислат добро, а некои и не баш. Прифатете го тоа. Таков е животот. Ваше е да оцените кого ќе слушате, а кого не.
  2. Очекувања: Понекогаш, може да се изненадите кога ќе сфатите дека некој од кого најмногу очекувате, може да ве изневери. И тоа е во ред. Вас не ви треба никој за да успеете во вашите намери. Немојте да барате поддршка од колегите, менаџерите, фамилијата, околината, доколку тие не ви ја даваат. Направете ја секоја задача најдобро што знаете (поради вас). Ние самите сме си најголемите мотиватори.
  3. Храброст: Бидете повеќе храбри. Што и да мислите дека ќе ви се случи, не може да биде полошо од чувството на вина од нереализираната визија.
  4. „Инат”: Нека ве фати „инат”. Докажете им на сите дека можете. Какви и да се последиците, вие може само да пораснете во процесот. Нормално, сè доколку вашиот „инат” не повреди или загрозува некого околу вас.
  5. Вашиот пат: Понекогаш е многу тешко да се одврземе од некои врски. Затоа, понекогаш може да чувствуваме и вина дека правиме лошо само затоа што одиме по нашиот пат. Тоа е ваш пат. И другите, ако не го сфаќаат тоа, тоа е нивен проблем, а не ваш.

Со успех во промените.