Поддршката за еврото во Хрватска паѓа

98

Поддршката за воведувањето на еврото во Хрватска за една година паднала за седум отсто, покажува истражувањето на Евробарометар, кое покажува дека Хрватите најмногу се плашат од растот на цените и мислат дека со заминување на куната  во историјатаќе изгубат дел од идентитет.
Евробарометар во петокот ги претстави резултатите од истражувањето спроведено во април за ставовите на граѓаните кон воведувањето на еврото во земјите членки кои се уште не ја користат заедничката валута.

Во Хрватска 55 отсто од испитаниците се изјасниле за воведување на еврото, што е за седум отсто помалку од лани кога еврото имаше поддршка од 62 отсто.

Според истражувањето, Хрватите најмногу се плашат дека еврото ќе доведе до пораст на цените, 81 отсто од нив.

Речиси половина (49 отсто) сметаат дека воведувањето на еврото ќе има негативни последици за Хрватска, а 45 отсто дека ќе има позитивни последици.

Само 37 отсто од испитаниците сметаат дека Хрватска е подготвена за еврото, а 58 отсто дека не е.

57 отсто од Хрватите веруваат дека земјата ќе изгуби дел од идентитетот со воведувањето на еврото, а 42 отсто не, покажа истражувањето.

Најголема поддршка за воведувањето на еврото е забележана во Романија 77 отсто и Унгарија 69 отсто, а најмала во Бугарија и Чешка, 44 отсто и Шведска 45 отсто.

Од овие седум земји само Хрватска ги исполни сите критериуми за влез во еврозоната. Конечната одлука на Советот на ЕУ се очекува во јули, а од 1 јануари 2023 година еврото ќе стане хрватска валута.