Подгорица најавува воведување визи за Русите

50

Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ранко Кривокапиќ, најави приклучување кон европските мерки за ограничување на влезот на руски државјани. Доколку владата го поддржи овој предлог, Црна Гора ќе воведе визен режим за граѓаните на Русија.

„Црна Гора е посветен партнер на Европската унија, а министерот смета дека нашата земја во оваа одлука треба целосно да се приклучи на ЕУ, како што тоа го правеше досега“, соопшти Министерството за надворешни работи на Црна Гора, пренесува Комерсант.

Министрите за надворешни работи на ЕУ минатата недела го суспендираа договорот за визно олеснување со Русија. Новиот режим стапи на сила на 12 септември, а според него, процесот за добивање виза за Русите за влез во ЕУ бара повеќе време и документација, како и зголемување на висината на таксата за издавање виза од 25 до 80 евра.