
Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, предупреди дека оваа институција ќе ги намали прогнозите за раст на глобалната економија поради војната со Иран, со оценка дека светската економија денес е многу помалку подготвена да одговори на нов голем шок отколку што беше пред пандемијата.
Во разговор за Блумберг во Вашингтон, Георгиева изјави дека пред американско-израелскиот напад врз Иран, ММФ бил на пат да ги зголеми проекциите за раст за 2026 година, но дека поради последиците од војната, тие прогнози сега ќе бидат намалени. Новите проценки ќе бидат објавени следната недела за време на пролетниот состанок на ММФ и Светската банка во Вашингтон, а нејзината порака до донесувачите на одлуки во светот ќе биде, рече таа, кратка: „Подгответе се“.
Според неа, војната предизвикала „негативен шок на страната на понудата“ бидејќи го нарушила снабдувањето со енергија од Персискиот Залив и со тоа ги зголемила цените, поради што борбата против инфлацијата повторно станува централен приоритет на економските политики.
Таа нагласи дека енергетскиот шок ќе влијае на сите земји, но не рамномерно – најтешко погодени ќе бидат земјите блиску до конфликтот, нето увозниците на енергија и земјите со ограничен фискален простор.
Георгиева, исто така, предупреди дека светот влегува во оваа криза исцрпен од претходните шокови, вклучувајќи ја пандемијата на коронавирусот и војната во Украина, додека многу земји не го намалиле сериозно јавниот долг акумулиран за време на пандемијата. Како што оцени таа, достапните фискални и монетарни алатки се послаби денес, додека растот на геополитичките тензии дополнително ја комплицира меѓународната соработка во кризни ситуации.
Покрај енергетскиот шок, војната веќе го наруши глобалниот пазар на ѓубрива и може дополнително да ја влоши несигурноста на храната низ целиот свет.
Обединетите нации претходно предупредија дека речиси 45 милиони луѓе би можеле да западнат во акутна несигурност на храната ако конфликтот продолжи, а цените на нафтата останат над 100 долари за барел.
Георгиева истакна дека централните банки сега ќе мора внимателно да балансираат помеѓу потиснување на инфлацијата и зачувување на економскиот раст, предупредувајќи дека моментот е „многу деликатен“.
Таа, исто така, ги повика владите да избегнуваат неодговорни фискални интервенции, како што се премногу широки субвенции или ограничувања на извозот на клучни суровини, бидејќи таквите мерки би можеле дополнително да ги продлабочат глобалните нарушувања.











