Подравка го купи словенечко Жито за 33 милиони евра

16

podravka

Хрватската компанија Подравка го купи словенечко Жито. Подравка купи 51,55% акции, по цена од 180 евра по акција. Трансакцијата е вредна 33 милиони евра.

“Ова е голем исчекор за Подравка. Ова е најголема аквизиција што ја направила Подравка од 1993 година и најголема трансакција во Хрватска и регионот. Добиваме дополнителна сила, дополнување на асортиманот што ни требаше главно во зачините. Стратешки се определивме во Адриа регионот да бидеме учесници во консолидација на прехранбената индустрија и сакаме да го зголемиме извозот, за три години да оствариме минимално 40% од вкупните приходи надвор од Адриа регионот”, изјави за Дневникот на ХРТ претседателот на Управата на Подравка, Звонимир Мршиќ.

Со овој потег, Хрватска може да стане сериозен регионален играч во секторот на прехранбената индустрија.

Жито е една од 15-те компании што словенечката влада ги стави на листата за продажба. Жито е еден од најголемите произведувачи на прехранбени производи во Словенија и регионот, со продукти во палетата пекарски производи, смрзната храна, кондиторски производи (Горењка, Шуми), зачини (Маестро) и други производи.