Погледнете го небесниот спектакл на Hyundai со кој беше срушен Гинисовиот рекорд

115

Беспилотните летала многу брзо станаа една од омилените алатки за компаниите кои сакаат да го привлечат вниманието на корисниците, а Genesis, автомобилската марка на Hyundai успеа да го стори тоа на најдобар можен начин. Имено, овој бренд го прослави својот влез на кинескиот пазар со соборување на Гинисовиот рекорд со бројот на симултани беспилотни летала во воздухот.

Јужнокорејската компанија направи вистински спектакл на небото.

Во Азија брендот Genesis е добро познат бренд кој им конкурира на компании како Mercedes, BMW, Audi, Lexus и слични врвни модели. На кинескиот пазар се најавени два модели – G80 и GV 80 SUV, кои наскоро треба да бидат пуштени во продажба, а најавено е и отворање на луксузен продажан салон во Шангај.

Токму во овој град, се одржа настан кој официјално го најави пристигнувањето на Genesis на кинескиот пазар, а во кој главната улога ја играа дронови. Со формирање на различни формации на дронови на небото се осветли името на брендот и логото на Genesis. Во небесниот спектакл биле искористени речиси 3.300 дронови, со што Hyundai го собори го Гинисовиот рекорд за бројот на беспилотни летала што се користат симултано.

Досегашниот рекорд го држеше компанијата Shenzhen Damoda Intelligent Control Technology, која користеше нешто повеќе од 3.000 дронови за време на небесните демонстрации минатиот септември. Исто така, еден од претходните рекорди го држеше Intel, кој со дронови ги формираше олимписките кругови за Олимписките игри во 2018 година.