Поголема загриженост за растот на цените отколку војната во Украина или пандемијата

57

Цел свет се плаши од поскапување. Економскиот раст е забавен, годинава во Европската унија ќе биде 2,7 отсто, следната година ќе биде само еден и пол отсто. И инфлацијата достигна историски максимум – 7,6 отсто во еврозоната, а 8,3 отсто во Европската унија.

Инфлацијата стигна до сите делови на светот и  тука e да остане, велат, неколку години. Оваа глобална стапка ќе биде во просек 7,7 проценти. Ова е еден од резултатите на заедничкото истражување на германскиот и швајцарскиот институт за економска политика во кое учествуваа околу 100 земји и 660 економисти.

Особено високи стапки на инфлација, над 20 отсто, се очекуваат во Јужна Америка, Северна и Источна Африка и Западна и Централна Азија. Цените ќе растат релативно бавно – во Северна и Централна Америка и голем дел од Европа, каде што очекуваната стапка на раст е под десет проценти.

„Активностите на Москва го нарушуваат снабдувањето со енергија и жито, ги зголемуваат цените и ја ослабуваат довербата. Во Европа, моментумот на повторното отворање на нашите економии ќе го поддржи овогодишниот раст, но за 2023 година значително ја ревидиравме прогнозата. Рекордно високата инфлација се очекува да достигне врв кон крајот на оваа година и постепено да се намалува во следната година“, вели европскиот економски комесар Паоло Џентилони.

Инфлацијата е невообичаено висока во Германија, економски најсилната земја во Европа. Зголемените цени повеќе ги загрижуваат граѓаните отколку војната во Украина или пандемијата. Речиси една третина стравуваат дека ќе мора да го променат начинот на живот. Во банката за храна во Дизелдорф сè поголем број жители бараат помош.

„Веројатно никогаш повеќе нема да го достигнеме просекот од пред кризата. Драматичната социјална криза најверојатно ќе се влоши во наредните месеци и не гледаме крај на инфлацијата“, вели Марсел Фрејзер од Германскиот институт за економски истражувања.

Во Австрија брашното поскапе за 129 отсто, путерот за 76 отсто, а јајцата за речиси 50 отсто. Привремено да се намали ДДВ-то за прехранбените производи и да се воведе строга контрола на цените бара Стопанската комора. Инфлацијата ја загрижува канцеларката, со неодамнешната изјава што ја разбранува јавноста.

Американците имаат најголема инфлација во изминатите 40 години – 9,1 отсто, најмногу поради поскапувањето на горивата и храната. Повторно растат линиите пред банките за храна низ Америка, има сè повеќе нови корисници.

„Цените на храната се превисоки и секојдневно се зголемуваат. Мило ми е што има некој да ни помогне“, вели еден жител на Калифорнија.

Неприфатливо високите бројки го загрижуваат претседателот Џо Бајден, борбата против инфлацијата е приоритет, вели тој.

Федералните резерви ги зголемија каматните стапки за 0,75 отсто до крајот на јули. Аналитичарите велат – требало порано да се инервира. Колку подолго чекате, толку подрастични ќе бидат мерките.