
Цените на европските фјучерси на гас скокнаа на почетокот на оваа година на највисоко ниво од октомври 2023 година, откако беше прекинат транзитот на руски гас преку Украина, што укажува дека европските земји би можеле да се соочат со поголема нестабилност во цените на овој енергенс оваа зима.
Во првиот работен ден по прекинот на испораката на руски гас преку украинска територија на крајот на 2024 година, референтната цена на европскиот природен гас на холандската берза скокна за четири отсто на 51 евро за мегават-час, за малку да се намали во подоцнежното тргување.
Во петокот цената беше 48,89 евра за мегават-час.
Суспендирањето на транзитот на гас преку Украина значи за Европската унија (ЕУ) губење на вкупниот обем на увоз од околу пет проценти. За споредба, кога беше затворен Северен тек, тоа значеше загуба од 15 отсто од увезените количини.
Во исто време, европските резерви на гас паѓаат со најбрзо темпо од 2021 година поради ниските температури на континентот и сега во просек изнесуваат околу 75 отсто од капацитетот.
Од крајот на септември до средината на декември, испораките се намалија за речиси 20 отсто, покажуваат податоците на индустриското здружение Гас Инфраструктура Европа.
Во моментов, сепак, нема ризик од енергетска криза или недостиг на гас во ЕУ, ниту се очекува тоа да има моментален ефект врз цените што ги плаќаат потрошувачите. Сепак, Европа сега е поранлива на нестабилноста на пазарот, а веројатно повисоките цени на гасот може дополнително да ја оштетат конкурентноста на европската индустрија и да ги зголемат трошоците за домаќинствата.
Цените би можеле да се зголемат и доколку ЕУ го зголеми увозот на течен природен гас (ЛНГ).
Во овој момент најранливи се земјите од Централна Европа. Додуша, тие имаат можност да го снабдуваат рускиот гас преку гасоводот Турски тек, но тоа не е доволно за да се компензира загубата на украинската рута, пишува Euronews.
Најголема корист од транзитот на руски гас преку Украина имаа Словачка и Унгарија, бидејќи овој гас покрива 65 отсто од нивните потреби.
Европската комисија понуди решение со снабдување од Грција, Турција и Романија.
Иако не постои загриженост дека ЕУ ќе остане без гас оваа зима, надополнувањето на залихите може да биде поскапо од очекуваното.
„Постои се поголем ризик ЕУ да излезе од зимата со ниски залихи на гас и може да биде скапо полнењето на складиштата“, вели Арне Ломан Расмусен, главен аналитичар во Глобалниот ризичен менаџмент во Копенхаген.











