
Група од 25 американски држави, предводени од демократи, поднесоа тужба против администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Државите ги оспоруваат неговите најнови царини за стоки од 60 земји, трговски партнери, соопшти канцеларијата на главниот обвинител на Орегон, Ден Рејфилд.
„И покрај тоа што губи на секој чекор, Трамп повторно се обидува да предизвика уште поголем хаос врз работничките семејства и локалните бизниси во Орегон. Сите ние ја плаќаме цената за овие нелегални царини, а не странските влади“, рече Рејфилд во соопштението, објави Ројтерс.
Тужбата е поднесена во Американскиот суд за меѓународна трговија во Њујорк и следува по тужбата поднесена од мали американски бизниси минатиот месец за блокирање на царините.
Американските држави и малите бизниси успешно ги оспорија претходните царини што Трамп ги воведе на повеќето земји во светот за време на неговиот втор мандат, но претседателот продолжи да инсистира на нови царини и покрај низата правни пречки.
На 24 јули, администрацијата на Трамп воведе нови царини од 10 и 12,5 проценти за 60 трговски партнери, вклучувајќи ја и Европската Унија, поради обвинувања дека не преземаат доволно мерки за да го спречат извозот на стоки произведени преку принудна работа.
Царините стапија на сила истиот ден кога истекоа претходно воведените глобални царини од 10 проценти.











