Половина деценија Лице в лице на улиците низ Македонија

25

pokana_5-ti-rodenden-lice-v-lice

Сто илјади испечатени примероци, 5.000.000 денари стигнати до најранливите категории граѓани преку нивен работен ангажман, околу сто лица за кои Лице в лице е отскочна штица кон пазарот на труд и кон инклузија, шест градови, над 150 часови едукативна програма низ која што поминуваат продавачите на списанието, многу пријатели и поддржувачи…

Вака одблиску изгледа растежот во изминатите години на единственото улично списание што излегува на секои два месеца, а кое со изложба и со дружба во МКЦ клуб ресторанот, ја одбележи својата полудецениска работа во која значајна улога одиграа и граѓаните, но и јавните личности кои им даваа јавна поддршка на продавачите.

“Читам Лице в лице затоа што е едно од ретките оригинални списанија со вистинска цел. Третира социјални теми кои инспирираат, мотивираат и ја подигнуваат свеста. Го читам затоа што е единствено и служи за пример за другите“, вели поп пејачката Дани Димитровска.

И за Ребека, Лице в лице е оригинално списание, коешто дава шанса за заработка на тие кои тешко може да најдат извор на финансии за живот, а вели дека го чита затоа што зборува отворено и без влакна на јазикот.

Сашко Коцев пак, нагласи дека важно е секој поединец на свој начин да придонесе кон градење подобро општество.

“Го поддржувам Лице в лице зашто на некои луѓе не им се сите коцки наредени. Со оваа иницијатива добиваме шанса ние да бидеме коцката што недостасува“, вели тој.

Платформата којашто ја изгради списанието низ своето петгодишно дејствување, заедно со своите истомисленици, е слика за пркосот кон општествените предизвици преку конкретни потфати чија цел е пружање шанса и поттикнување на напредокот на ранливите групи сограѓани.

Лице в лице е еден од пионерите во социјалното претприемаштво во земјава коешто работниот ангажман го користи како алатка за инклузија со што економски и социјално ги зајакнува своите продавачи.

Но, во исто време, преку своите содржини, влијае на менување на свеста за важни општествени прашања. Секое издание, посветено на одредена тема, има за цел да информира, едуцира и да ја буди граѓанска свест.

“Ова беа години на позиционирање на списанието на пазарот. Верувам дека поголемиот дел од публиката веќе знае што е уличен печат, а во годините што следуваат се надевам дека се повеќе граѓани ќе ја разберат својата улога во однос на развојот на уличниот печат, како и во однос на развојот на општеството. И не само граѓаните, туку и бизнисите, а институциите пак дека ќе станат поотворени и активно ќе соработуваат со граѓанскиот и со бизнис секторот. Поврзувањето на овој триаголник е значаен чекор кон подобро општество“, нагласи Климентина Илијевски, главна и одговорна уредничка на Лице в лице и извршна директорка на Паблик.

“Aктивностите кои ги спроведува списанието Лице в лице претставуваат значајна поддршка за надминување на социјалните ризици во кои се наоѓаат ранливи категории на граѓани преку работно ангажирање, како и ефективен начин да се подигне јавната свест за можностите на овие лица. Од огромна важност е обезбедување на одржливоста на ова улично списание и давањето придонес за обезбедувањето на услови за еднакви можности за сите. Исто така, ова списание направи многу во поттикнување на развојот на општествената одговорност, како и во развојот на социјалната економија во државата“, вели Царовска.

Роденденските свеќички се во чест на сите досегашни 26 броја на Лице в лице, во чест на продавачите, граѓаните и сите соработници кои оставиле своја трага во некој од броевите на Лице в лице.

На настанот признанија добиваат активните борци и поддржувачи на платформата кои неуморно даваа лични импулси и придонес во остварувањето на мисијата и целите на Лице в лице. Исто така, промовирана е и мапата Лично Скопје, во авторство на уметницата Сабрина Железник, која ги претставува позитивните социјално ангажирани уметнички места низ Скопје, а истата ја содржи и траекторијата на продавачите на списанието Лице в лице, како симбол на патувањето кон поинклузивно општество.

Роденденската дружба ја вклучи и изложбата Бегалци во сопствената земја, којашто премиерно беше поставена во Струга, на крајот од јули, на промоцијата на актуелниот број на Лице в лице. Истата беше продуцирана со поддршка на Германското друштво за интернационална соработка, ГИЗ.