Половина милион камиони ги искористија придобивките од зелените коридори

11

ЦЕФТА во време на пандемија: достигнувања и предизвици беше насловот на денешната хибридна конференција во Јахорина, Босна и Херцеговина, која го означи крајот на  CEFTA Week 2020.

Овој завршен настан следеше по неколкудневни состаноци и дискусии на виртуелни платформи и беше можност да се сумираат достигнувањата во текот на 2020 година.

Претседателството на Босна и Херцеговина со ЦЕФТА го одбележаа две големи достигнувања: одржување и олеснување на трговијата во услови што ги наметна Ковид-19 пандемијата и усвојување на планот за Заедничкиот регионален пазар.

Отворајќи ја Конференцијата, Сташа Кошарац, босански министер за надворешна трговија и економски односи рече дека ова е значаен настан бидејќи БиХ успешно го заврши своето претседателство со ЦЕФТА во многу сложени околности.

“Оваа конференција се одржува за да ја покаже нашата синергија во заедничката работа на остварување на заедничките цели, оставајќи ги настрана несогласувањата и трговските бариери. Денеска ве поканувам да разговараме за предизвиците и можностите што претстојат и за тоа што е потребно да го направиме заедно за да ја продлабочиме нашата економска интеграција. Со брза реакција при нарушувањето на текот на трговијата на почетокот на оваа година, веќе покажавме дека можеме да донесеме ефективни заеднички мерки. Трговските придобивки се секако од витално значење, но тие вклучуваат само економски ефекти, а тоа е само дел од големата слика. Трговијата нè поврзува со регионот и остатокот од светот. Покрај тоа, токму поради блиските и стабилни односи поттикнати од трговијата, можеме да уживаме во многу помирни односи. Трговијата, исто така, ја поттикнува конкурентноста на секоја од компаниите на пазарот, а со тоа и ја зајакнува секоја од економиите што учествуваат во ЦЕФТА “, рече министерот Кошарац.

Како реакција на брзото ширење на новиот коронавирус низ европскиот континент, ЦЕФТА страните усвоија рестриктивни мерки со приоритет на здравјето и безбедноста на своите граѓани, кои исто така вклучуваа и ограничено движење на луѓе и стоки. Сепак, за да се минимизираат негативните економски влијанија, да се гарантираат отворени канали на трговија и безбедно снабдување со неопходни добра, како што се медицински средства, храна и добиточна храна, ЦЕФТА страните се согласија за воспоставување на Зелените коридори и Зелените ленти, врз основа на заедничкиот предлог од Транспортната заедница и ЦЕФТА.

Директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Ѓикиќ рече дека од спроведувањето на иницијативата, скоро половина милион камиони ги искористија придобивките од зелените коридори, а 20% од нив имаат бенефит од зелените ленти (камиони кои превезуваат есенцијални добра).

Тој исто така ја посочи важноста на четири годишниот план за воспоставување Заеднички регионален пазар усвоен од лидерите на Западен Балкан на Самитот во Софија во ноември 2020 година.

“ЦЕФТА ќе игра важна улога преку обезбедување правна, политичка и институционална рамка за проширување на оваа агенда“, додаде Ѓикиќ.

Главните приоритети во иднина ќе бидат намалувањето на времето на чекање за најмалку 30% на премините преку проширување на Зелените коридори и ленти на граничните премини и контакт точките со Европската Унија како и нивно прилагодување на условите во средината, кои ги диктира пандемијата. Понатаму, ќе се настојува да воспостави заемно признавање на документите важни за пласирање на производи и услуги на регионалните пазари, намалување на времето и трошоците за регионална е-трговија и проширување на соработката во ЦЕФТА на нови области како што се интелектуална сопственост и заштита на потрошувачите.

Важни достигнувања во 2020 година се:

  • Напредок во спроведувањето на Дополнителниот протокол 5 за олеснување на трговијата со влегување во сила на Одлуката за заемно признавање на Овластените економски оператори од типот С.
  • Усвојување на значајната одлука за олеснување на трговијата со овошје и зеленчук.
  • Примената на Стратегијата на ЦЕФТА за управување со царински ризик напредуваше во 2020 година.
  • Ратификација на Дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги, кој ќе стапи на сила од почетокот на 2021 година. Ова ќе ги приближи уште повеќе пазарите на услуги во ЦЕФТА и ќе овозможи повеќе можности за деловните субјекти и граѓаните.
  • Во јуни беше одбрен ЦЕФТА водич за електронска трговија и олеснување на трговијата со туристички услуги врз основа на дискусиите започнати во декември минатата година.
  • Креаторите на политиките и деловните субјекти ќе имаат корист од информациите обезбедени од Базата на податоци за регулаторни услуги, која е ново дополнување во пакетот за транспарентност на ЦЕФТА.
  • Лансирање на база на податоци на ЦЕФТА за Обврзувачки тарифни информации (ОТИ) – регионална платформа што ги собира сите информации поврзани со напредни решенија (тарифниот опис и класификација) од ЦЕФТА и
  • Започнати се официјални преговори за подобрување на механизмот за решавање на спорови меѓу страните.

Три панел дискусии насловени:  Регионална економска соработка: Пресвртница во одговорот на регионот кон ковид-19 и пат за трајно економско закрепнување, Програми на ЦЕФТА за заемно признавање: Потенцијал за зајакнување на трговијата со ЦЕФТА“ и „Е-трговија: Патека до економско закрепнување на ЦЕФТА регионот  беа можност да се дискутираат трговските импликации од пандемијата за страните на ЦЕФТА и можностите за поддршка и забрзување на обновувањето на регионот на ЦЕФТА. Панелистите исто така разменија мислења за Програмите за заемно признавање (MRP) и можностите за зајакнување на трговијата во ЦЕФТА регионот, со оглед на влијанието на дигиталната револуција и придобивките од е-трговијата.