Половните автомобили стануваат луксуз: Поради високите цени и скапите кредити, тие се надвор од дофатот на повеќето купувачи

419

Високите цени и зголемените каматни стапки ги истуркаа половните автомобили надвор од дофатот на сèпоголем број купувачи.

Тоа е лоша вест за CarMax, најголемиот продавач на половни автомобили во САД. CarMax во четвртокот објави дека неговата заработка паднала за 54 отсто (повеќе од половина), бидејќи бројот на продадени автомобили во кварталот паднал за 6,4 отсто во однос на претходната година.

Компанијата, како што јави Си-Ен-Ен, ги обвини „предизвиците кои произлегуваат од широко распространетите инфлациски притисоци, како и зголемувањето на каматните стапки и ниската доверба на потрошувачите“.

Иако повисоките цени ги зголемија вкупните приходи на компанијата, резултатите беа далеку под прогнозите на аналитичарите анкетирани од Refinitiv. Ова предизвика тревога кај инвеститорите. Акциите на CarMax паднаа за повеќе од 24 отсто во четвртокот, а настрадаа и акциите на другите трговци на автомобили.

Акциите на конкурентот за половни автомобили Carvana паднаа за околу 23%, а AutoNation, најголемиот продавач на нови автомобили во земјата, падна за 10%. Паднаа и акциите на многу производители на автомобили, вклучувајќи ги Џенерал Моторс, Форд, Стелантис и Тесла.

Цените на автомобилите се во пораст во последните две години, бидејќи недостигот на делови, особено компјутерски чипови, ја ограничи понудата поради големата побарувачка на потрошувачите. Тие повисоки цени се главен фактор за вкупните инфлациски притисоци бидејќи приближно 40% од американските домаќинства купуваат автомобил секоја година.

Напорите за зауздување на цените ја поттикнаа Федералните резерви да ги зголеми каматните стапки со историско темпо во последните месеци додека централната банка се обидува да ја олесни побарувачката на потрошувачите и да ја забави економијата.