Половните автомобили во Британија веќе чинат повеќе од новите

198

Ако живеете во Велика Британија, најверојатно ќе треба да платите повеќе за половен автомобил отколку за нов од истиот модел, пишува Блумберг.

Дилерите се во ситуација, во која не добиваат доволно возила од фабриките. И поради големата побарувачка, користените модели, стари до околу една година, се веќе со повисока цена од онаа објавена во ценовникот на производителот. Ова е случај со 17 проценти од автомобилите, според Auto Trader Group. На почетокот на годината, овој удел изнесуваше 4 проценти.

Купувачите на половни автомобили во Велика Британија трошат една четвртина повеќе за користен модел отколку во истиот период минатата година поради „неверојатно силната“ побарувачка и ниската понуда.

„Не очекуваме дека растот на цените ќе забави во скоро време“, рече Ричард Вокер, директорот на групата.

Популарните модели на Островот како Focus и Kuga на Ford се меѓу оние со најголем раст на цените на секундарниот пазар.