Полска бележи највисока инфлација во ЕУ

101

Најновите прогнози на полската народна банка предвидуваат пад на бруто домашниот производ до 0,5 отсто во првиот квартал од следната година, а стапката на инфлација би требало да достигне 18,8 отсто. Затоа, Полјаците очекуваат најголем пораст на цените во Европа.

Инфлацијата веќе достигна 15,5 отсто во јуни, што е највисоко ниво од падот на комунизмот пред три децении. Полскиот економски институт (ПИЕ) смета дека 66 отсто од поскапувањето се припишува на храната и енергијата. Од крајот на минатата година енергетските производи поскапеле за 21,6 отсто, услугите за 12 отсто, а индустриските производи за 10 отсто, пренесува Б92.

Инаку, полската народна банка десет пати ги зголеми каматните стапки од октомври минатата година со цел да ја пригуши инфлацијата – од 0,1 отсто, каматните стапки скокнаа на сегашните 6,5 отсто, а аналитичарите очекуваат нивно дополнително зголемување во септември.

Сегашните поскапувања се во целосна спротивност со стабилниот развој во изминатите три децении, во кои годишната инфлација беше нешто над 3,5 проценти. Покрај тоа, Полска беше единствената членка на Европската унија (ЕУ) која избегна економска рецесија по глобалната финансиска криза во 2008 година.