Полска го забрани увозот на украинското жито

Полска забрани увоз на жито и друга храна од Украина со цел да го заштити својот земјоделски сектор.

Полската влада одлучи да го забрани увозот на жито и друга храна од Украина за да го заштити својот земјоделски сектор, изјави лидерот на конзервативната владејачка партија Право и Правда (ПиС) Јарослав Качински.

Големи количества украинскo жито, што е поевтино од тоа што е произведено во Европска Унија, заврши во Полска и други централноевропски земји, што доведе до намалување на цената и ја погоди продажбата на локалните земјоделци.

Ова создаде политички проблем за ПиС во изборната година, пренесува Ројтерс.

„Владата донесе одлука со која се забранува влез и увоз на жито во Полска, како и десетици други видови храна од Украина“, рече Качински за време на конвенцијата на партијата ПиС.

Списокот на производи ќе биде вклучен во владината уредба, а овие стоки сочинуваат сè „од житарки до производи од мед и многу други работи“, додаде Качински.

„Ние сме и остануваме непроменети пријатели и сојузници на Украина. Ќе ја поддржуваме и ја поддржуваме… Но, должност на секоја држава, секоја влада, добар авторитет во секој случај е да ги заштити интересите на своите граѓани.“, рече Качински.

Качински рече дека Полска е подготвена да започне преговори со Украина за да се реши проблемот со житото, а украинската страна веќе е информирана за одлуките на полската влада.

Фото: Pixabay