Полска гради 24 мали нуклеарни реактори

67

Полска даде зелено светло за изградба на 24 мали модуларни нуклеарни реактори на шест локации, изјавија денеска директорите на компанијата што ќе ги гради централите.

Владата соопшти дека има намера да го забрза постепеното исфрлање на јагленот и да изгради инфраструктура за обновливи извори и нуклеарна енергија за да се справи со предизвиците од климатските промени и да обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија.

Рафинеријата Orlen и хемискиот производител Synthos основаа заедничко вложување, Orlen Synthos Green Energy (OSGE), кое ќе ги инсталира првите мали нуклеарни реактори до 2030 година.

„Полската влада начелно одлучи и одобри шест локации за 24 најсовремени GE Hitachi BWRX-300 реактори во Полска“, рече извршниот директор на новата компанија Рафал Каспреу на самитот Net Zero Nuclear, кој се одржува заедно со климатскиот самит на ОН COP28 во Дубаи.

„Тоа е всушност нов почеток, нова ера за Полска“, додаде Каспреу.

Полското Министерство за клима објави дека реакторите ќе се градат во Влоцлавек, Стави Моновски, Сталова Вола, Остролека, Нова Хута и Даброва Горница.