Полска и САД потпишаа договор за изградба на првата нуклеарна електрана

36

Во Варшава денеска полските и американските претставници потпишаа договор за изградба на првата нуклеарна централа во Полска, која настојува да ја намали употребата на загадувачки фосилни горива.

Премиерот Матеуш Моравјецки изјави дека договорот за изградба на електрана во Померанија, во близина на Балтичкото Море, е почеток на ново поглавје за Полска.

Тој рече дека електраната ќе биде стабилен и чист извор на електрична енергија, пренесуваат американските медиуми.

-Единствениот чист, стабилен извор на енергија што е технолошки докажан и проверен во однос на безбедноста е нуклеарната енергија, која денес го има својот голем ден, нагласи Моравјецки на церемонијата.

Полската Влада минатата година објави дека ги избрала Соединетите Американски Држави за партнер за проектот.

Конзорциумот на компаниите Вестингхаус и Бехтел го потпиша договорот со полската државна компанија Polskie Elektrovnie Jadrove (PEJ).

Договорот со САД е за првите три реактори на централата Померанија, за која властите велат дека треба да започне со производство на електрична енергија во 2033 година.