Полската влада го продолжува ембаргото за увоз на жито од Украина и по 15 септември

44

Советот на министри на Полска на денешниот состанок усвоил резолуција со која Европската комисија се предупредува дека Полска еднострано ќе го продолжи ембаргото на украинското жито по 15 септември ако Брисел не донесе соодветна одлука.

„Советот на министри ја повикува Европската комисија по 15 септември 2023 да ја продолжи забраната за увоз од Украина на четири земјоделски производи: пченица, пченка, маслена репка и сончогледово семе“, се наведува во соопштението на полската влада.

Полска бара итно спроведување на решение кое ќе овозможи стабилно и ефикасно функционирање на локалните произведувачи во Полска и Европската Унија.

„Доколку Европската комисија не ја продолжи забраната за увоз на житарки од Украина по 15 септември, Полска ќе воведе таква забрана на национално ниво“, се наведува во соопштението.

Се додава дека забраната ќе остане на сила „сè додека не се регулираат земјоделските односи меѓу Полска и Украина“, како и дека полската влада не сака украинското жито да го дестабилизира домашниот земјоделски пазар.

„Му помагаме на нашиот сосед, но мораме да ги заштитиме полските земјоделци“, соопшти полската влада.