Помал број богати луѓе ја напуштиле Русија од очекуваното

Најмногу милионери ја напуштиле Кина минатата година, а повеќето милионери се преселиле во Обединетите Арапски Емирати, додека помал број богати луѓе ја напуштиле Русија од очекуваното, покажуваат податоците од релевантните истражувања.

Лондонската консултантска куќа Henley & Partners и маркетинг агенцијата New World Health претставија нов извештај за миграцијата на богатите граѓани во светот. Во однос на претходната прогноза на авторите на студијата, во која се предвидуваше дека околу 15.000 милионери ќе ја напуштат Русија во 2022 година, вистинската бројка е половина од тоа, пренесува Комерсант.

Околу 10.800 богати граѓани ја напуштија Кина минатата година, а најголем број пристигнувања милионери е забележан во ОАЕ, 5.200, што се вклопува со претходната прогноза на „Henley & Partners и New World Health“. Кога станува збор за погрешната прогноза за Русија, H&P наведува дека е направена врз основа на трендовите од јануари до јуни 2022 година.

„На намалувањето на предвидениот број влијаеја и санкциите, како што е затворањето на многу инвестициски програми за државјанство и престој за Русите, затворањето на сметки во странски банки и специфичните механизми што го отежнуваа заминувањето на богатите“, велат од H&P.

Според претходната анализа на Блумберг, најбогатите граѓани на Русија не престанале да добиваат дивиденди од нивните компании. Исто така, беше наведено дека западните санкции во суштина им ја затворија вратата на руските милијардери и ги притиснаа поблиску до Москва, што ја зголеми државната контрола врз нивните средства.