Oд Министерството за транспорт и врски информираат дека огласот за изработка на физибилити-студија за развој на гасоводните мрежи низ Македонија е поништен бидејќи и двете понуди не ги задоволиле критериумите.
“Ве информираме дека во согласност со рокот за доставување понуди по објавениот оглас за изработка на физибилити-студија за развој на дистрибутивни мрежи на природен гас, беа доставени две понуди. Првата е отфрлена од комисијата која ја спроведува јавната набавка затоа што економскиот оператор не доставил банкарска гаранција на понудата во оригинал, а втората понуда е отфрлена бидејќи ја надминува проценетата вредност утврдена за оваа јавна набавка. За разликата во висината на двете понуди, пред донесување на одлуката за поништување се земени предвид и мислења од Бирото за јавни набавки и Народна банка”, соопштуваат од Министерството.
Се додава дека огласот повторно ќе биде објавен откако ќе истече рокот за жалба на решението за поништување на постапката.
Од понудувачите се бараше да имаат најмалку пет изработени студии за гасификација со слична содржина и обем во последните пет години, од кои најмалку две треба да се со меѓународно искуство. Потоа, во изминатите пет години да имаат искуство во проектирање гасни инсталации и најмалку 10 проекти како доказ, со потврди од нарачателот за квалитетно извршени услуги.