Легендарниот Pony велосипед, со којшто пораснаа многу генерации, се враќа на улиците. За производството на Pony е задолжена компанијата GOR Kolesa, чии сопственици се словенечки Gorenje и BTC management board, пишува РТВ Сло.
“Со гордост го претставивме новиот Pony, којшто на велосипедистите многу им недостасуваше, бидејќи сè уште е симбол на квалитет. Сакаме да го задржиме добриот глас, така што во последните неколку месеци вложивме многу труд за да направиме квалитетен производ од словенечкото знаење и на наше тло. За почеток, купувачите ќе може да изберат меѓу трите различни видови на Pony со 28 комбинации, но во иднина ќе додадеме поголем избор со електричните велосипеди“, изјави Рок Лесјак, директор на GOR Kolesa.
Pony ќе се произведува во градот Велење и ќе биде достапен за продажба преку интернет страницата www.rogbikes.com. За првите 500 велосипеди во претпродажба ќе има специјална понуда, а од следната пролет ќе се најдат на редовна продажба.
Новиот Pony ќе има три или пет степени на пренос, голем избор на дизајни и бои и е во согласност со потребите на корисниците. Сите оние кои сакаат да го имаат овој велосипед треба да одвојат 329, 429 или 789 евра.