Поповолна економската состојба во преработувачката индустрија на месечно ниво, понеповолна на годишно

63

Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во август во однос на јули годинава е непроменет и изнесува 14.2, а во однос на август лани е намален за 0,8 процентни поени, објави денеска Државниот завод за статистика.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во август 2022, во однос на јули 2022 година е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се намалени.

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во август 2022 година е поповолна во однос на претходниот месец, а понеповолна и во однос на август 2021 година. Се очекува бројот на вработените да се намали.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во август 2022 година изнесува 66,1 процент од нормалното искористување.

Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат: недостигот на квалификувана работна сила со 20,1 процент, недоволната странска побарувачка со 17,3 проценти, неизвесното економско опкружување со 15,5 проценти и недоволната домашна побарувачка со 12,4 проценти.