
Трошоците за живот во еврозоната продолжуваат да растат, но цените пораснаа во март побавно отколку во претходниот месец, објави Евростат.
Годишната стапка на инфлација во март изнесува 2,2 отсто, по февруарските 2,3 отсто.
Во однос на февруари, малопродажната цена на стоките и услугите е зголемена за 0,6 отсто. Податоците на Европската статистичка служба се во согласност со прелиминарните проценки, јави ДПА.
Инфлацијата првенствено ја потисна цената на енергенсите која падна за еден процент од март минатата година. Покрај тоа, услугите поскапеа помалку од претходните месеци.
Базичната инфлација, која не ги зема предвид цените на енергијата и храната склони кон ненадејни движења, падна на 2,4 отсто, од 2,6 отсто во февруари.
Европската централна банка (ЕЦБ) цели на долгорочна инфлација од два отсто. Со забавување на инфлацијата по три години силен раст на цените, се очекува ЕЦБ повторно да ја намали референтната каматна стапка во четврток, откако на почетокот на март ја намали за 0,25 отсто.