Крајслер поднесе барање до надлежното тело во САД за започнување на процес на иницијална јавна понуда (ИПО), односно прва јавна понуда на обични акции на оваа компанија.
Ова не му се допадна на Фиат, мнозинскиот сопственик на Chrysler Group, кој се закани дека ќе ја прекине понатамошната соработка, што значи дека ќе престане да ја дели и технологијата со овој американски произведувач на автомобили.
“Листањето на Крајслер ќе создаде поинаква бизнис ситуација за Фиат. Ако оди со ИПО и постојат две различни компании што се листаат, секако е многу поразлично од тоа да се листа само една”, вели Џон Елкан, претседател на Фиат, пренесува Ројтерс.
Фиат сакаше да купи пакет акции што во Крајслер ги поседува пензискиот фонд United Auto Workers, кој се проценува на 3,7 милијарди долари. Упатените сметаат дека со организирање на ИПО, Крајслер сака да добие повисока понуда од Фиат.
Бројот на акции што ќе бидат понудени, како и нивната цена, засега не се познати, а за спроведување на процесот е задолжена познатата куќа J.P. Morgan.