Поради млечни состојки повлечени над 43.000 килограми виршли

37

kraft foodsКомпанијата Kraft Foods повлече 43.545 килограми виршли Oscar Mayer од американскиот пазар бидејќи производот содржи млечни производи кои може да предизвикаат алергиски реакции, пренесува BBC.

Во документот на американската агенција за безбедност на храната, USDA, се наведува дека во виршлите Oscar Mayer може да се најдат млечни производи, кои што кај некои луѓе предизвикуваат алергиски реакции.

„Декларациите на производот не се точни, бидејќи не се наведени состојките поврзани со пастеризирано млеко. Тоа е познат алерген, кој што може да предизвика реакција кај некои луѓе, но не беше наведен на етикетата на производот“, се наведува во извештајот на USDA.

Станува збор за состојка која што може да предизвика сериозни последици, кои можат да завршат дури и со смртен исход.

Од компанијата Kraft Foods соопштуваат дека за погрешните декларации на производот веднаш биле информирани потрошувачите, како и USDA.

Засега не се регистрирани негативни последици кај луѓето кои ги јаделе овие виршли.

Овие производи биле произведени во март во производен погон во Мисури, а потоа биле дистрибуирани низ САД.

Ова не е прв пат да бидат повлечени производи на оваа компанија, која важи за една од најголемите во прехранбената индустрија во САД, од полиците на продавниците. На почетокот на годината биле повлечени околу половина тон тестенини со сирење поради грешка на декларациите. USDA тогаш информирала дека на декларациите не било наведено дека производот содржи соја.

Kraft Foods минатата година од пазарот повлече милиони пакувања стапчиња од сирење бидејќи потрошувачите забележале дека истите се расипуваат пред да им истече рокот на употреба, ставен на самото пакување.