Поради санкциите Русија стана трет по големина пазар за плаќања во јуани

38

Русија се искачи на листата на земји што користат јуани за меѓународни плаќања, јавија западни медиуми. Ако не се брои самата Кина, пред Москва се само Хонг Конг и Велика Британија, според објавените податоци.

Пред почетокот на руската инвазија на Украина во февруари, Русија воопшто не се појавуваше на списокот на земји што користат јуани за меѓународни плаќања. Но, поради воведените финансиски санкции, руските банки и компании мораа да бараат алтернативни патишта до светските пазари.

Според податоците од системот за меѓународни плаќања SWIFT, во јули руските институции учествувале во 4 отсто од меѓународните плаќања во јуани. Тоа е сериозен пораст во однос на регистрираните 1,42 отсто во јуни и 0 отсто во февруари.

Хонг Конг очекувано е на врвот на листата со 73,8 отсто од трансакциите во јуани, следен од Велика Британија со 6,4 отсто.

Скокот на Русија на листата ги поддржува тврдењата дека меѓународните финансиски санкции работат на истиснување на земјата од глобалниот банкарски систем базиран на долари. Во исто време, сепак, растат стравувањата дека тоа само ќе ги зближи Москва и Пекинг, кои веќе гледаат во иста политичка насока.

Во меѓувреме, Русија разви свој систем за плаќање сличен на SWIFT, создаде специјални сметки за сè уште несанкционирани банки и продолжува да продава важни суровини, како што е нафтата, на многу земји во светот, вклучувајќи ги Кина, Индија и Турција.

Најновите податоци на SWIFT, исто така, покажуваат дека рубљата повеќе не е меѓу првите 20 глобални валути што се користат за меѓународни плаќања.