Поради санкциите руските олигарси загубија дури 95 милијарди долари

75

Најбогатите руски олигарси изгубија дури 95 милијарди долари како резултат на западните санкции воведени поради руската агресија врз Украина. Тоа значи дека од почетокот на војната губат по 330 милиони долари дневно.

Најмногу за 57 отсто загубил поранешниот сопственик на англискиот фудбалски клуб Челзи, Роман Абрамович и сега неговото богатство е 7,8 милијарди долари, покажуваат податоците на американскиот Блумберг.

Абрамович беше еден од првите олигарси санкционирани од Велика Британија. Британските власти го опишаа дека има „јасни врски“ со режимот на рускиот претседател Владимир Путин и дека е меѓу богатите Руси кои имаат „крв на рацете“.

Богатството на инвеститорот во енергетскиот сектор и близок пријател на Путин Генадиј Тимченко е намалено за 48 отсто и сега изнесува 11,8 милијарди долари. Богатството на другиот партнер на Путин, Сулејман Керимов, е за 41 отсто помалку и сега изнесува девет милијарди долари.

Како што пишува британскиот весник Гардијан, британската влада ги замрзнала средствата на олигарсите и другите Руси во вредност од 18 милијарди фунти. Санкционирани се 1.271 лице, меѓу кои и вториот најбогат Русин Владимир Потанин, кој е познат и како „Кралот на никелот“.

Според податоците на Блумберг, руските олигарси поради санкции изгубиле дури 95 милијарди долари.