Поради забавувањето на растот, Франција најавува кратење на буџетот за 10 милијарди евра

11

Француската влада најави кратење на буџетот за 10 милијарди евра, бидејќи се обидува да го намали буџетскиот дефицит откако економскиот раст не ги исполни очекувањата, објави француската новинска агенција АФП.
Меѓу другото, две милијарди евра помалку средства ќе бидат наменети за еколошки и енергетски транзициски програми.

Се намалуваат и планираните средства за образование, правда, одбрана и регионален развој.

Указот е веќе објавен во францускиот службен весник и потпишан од премиерот Габриел Атал.

Владата во Париз во неделата предупреди за намалување на буџетските средства. Целта на овој потег е да се задржи дефицитот на 4,4 отсто од бруто домашниот производ (БДП) оваа година, откако ја намали прогнозата за раст на еден отсто поради меѓународните тензии и забавувањето на економскиот раст во главните трговски партнери на Франција, како што се Кина и Германија.

Новите буџетски кратења следуваат по 16 милијарди долари за намалување на трошоците кои се веќе вклучени во овогодинешниот буџет, главно поради постепеното укинување на енергетските субвенции воведени кога цените на гасот и електричната енергија пораснаа по руската инвазија на Украина.

Извори од француското Министерство за финансии, исто така, предупредија дека дефицитот за 2023 година може да ја надмине целта од 4,9 отсто од БДП, пренесува АФП.