
Американските компании се поканети да ги искористат можностите во Кина и да го прошират и зајакнат своето присуство на кинескиот пазар, изјави кинескиот премиер Ли Ќијанг за време на состанокот со делегација на Бизнис советот на САД и Кина во Пекинг.
Ли Ќијанг посочи дека Кина е подготвена активно да одговори на легитимните загрижености на компаниите што започнуваат бизнис во земјата и рече дека се надева оти Вашингтон, пак, ќе преземе конкретни чекори за да ги смири кинеските стравови, објави британската новинска агенција Ројтерс, повикувајќи се на кинеските медиуми.
Со оглед на обемот на економската и трговската соработка меѓу Кина и САД, „нормално е да се појават некои разлики и несогласувања“, рече Ли.
„Доколку двете страни се почитуваат и разбираат меѓусебно и ја зајакнуваат комуникацијата и консултациите, секогаш може да се најдат решенија“, нагласи кинескиот премиер.











