Поранешен министер сега е доставувач на храна во Германија -Работа си е работа

180

Сајед Садат бил министер за комуникации во авганистанската влада пред да се пресели во Германија минатиот септември во потрага по подобра иднина. Сега е доставувач во Лајпциг.

Шест часа во текот на работните денови и по неколку часа преку викенд, Садат превезува храна на велосипед.

“Нема срамота во тоа. Работа е работа“, рекол тој.

Садат е еден од многуте Авганистаници кои својот дом го пронашле во Германија.

Му здодеала корупцијата

Сепак, патувањето на Садат во Германија било помалку драматично, отколку на сегашните негови сонародници.

Тој бил Министер за комуникации во авганистанската влада од 2016 до 2018 година, но поднел оставка бидејќи не можел повеќе да ја трпи корупцијата во Владата.

“Кога работев како Министер, постоеше голема разлика помеѓу потесниот круг на Претседателот и мене. Тие ја гледаа својата корист, а јас сакав парите да се користат за реализација на проекти“, раскажува тој.

По оставката се вработил како советник во авганистанскиот телекомуникциски сектор. Но до 2020 година, ситуацијата во земјата се влошила, па решил да замине.

Иако Садат има двојно авганистанско – британско државјанство, во Велика Британија не можел да најде работа по професијата, па решил да дојде во Германија каде што има повеќе можости.

Проблемот, сепак, било тоа што тој не зборува германски и затоа се мачел да најде работа.

Планирал да го научи јазикот, но пандемијата му го поместила планот. Сега го учи четири часа дневно, пред да седне на велосипед, за да ги заврши своите дневни обврски.

Платата му е 15 евра по час, доволно за да може да го покрие трошоците за живот и кирија од 450 евра, месечно.