Поранешен нафтен крал денес се обложува на зелено

102

Алекс Берд, поранешниот крал на нафтата, го загуби апетитот за фосилни горива, пренесе Ројтерс. Еден од најпознатите и највлијателните трговци со нафта и поранешен извршен директор на Glencore денес создава портфолио на инвестиции во зелени проекти во Велика Британија.

Во своите најдобри времиња во Glencore, тимот на Берд тргуваше со 7% од светската нафта. Но, сега неговиот фокус е на изградба на инфраструктура за обновлива енергија. Неговите облози се дека ветерната енергија ќе ја промени глобалната енергетска индустрија.

„Имам можност повторно да ја започнам кариерата на енергетските пазари. Таа нема да се фокусира на нафта и природен гас, туку на преминот од јаглерод, што ќе биде порелевантно во следните 25 години“, изјави Берд за Ројтерс. Тој поседува 2% удел во Glencore, проценет на 1,2 милијарди долари

Истакна дека нафтата и природниот гас ќе играат клучна улога на глобалниот пазар на енергија, но обновливите технологии рапидно растат и стотици милијарди долари ќе бидат потрошени за енергетска трансформација во наредните години.

Овие коментари доаѓаат во време кога енергетскиот сектор во Европа се соочува со еден од најсериозните предизвици во последните децении. Цените се на рекордно високо ниво поради намаленото снабдување со гас, а турбините на ветер и нуклеарните централи не можат да ги покријат недостатоците.

Според Берд, технологиите за складирање енергија можат да обезбедат решение во такви ситуации и ќе бидат во срцето на енергетската трансформација. „Светот научи да гради обновливи извори на енергија, и сега треба да изградиме капацитет за складирање за да ја забрзаме транзицијата кон нула емисија на штетни гасови“, рече поранешниот трговец со нафта.

Со напуштањето на јагленот, дистрибутивните мрежи стануваат се поважни, а земјите низ светот се обидуваат да ја подобрат својата издржливост, така што ќе може да се избегнат нарушувања во снабдувањето и да се отстранат негативните ефекти од нестабилноста на пазарот. Технологиите за складирање енергија се клучни за системите каде што уделот на ветерната и соларната енергија е висок.

Алекс Берд коментираше дека неговиот фонд ќе инвестира во изградба на 500 мегавати капацитет за складирање енергија во Велика Британија, користејќи главно литиум-јонски батерии. Пресметките на британските власти покажуваат дека на земјата ќе и требаат 40 гигавати капацитет за складирање енергија до 2050 година.