Поранешен шеф за безбедност во Твитер тврди дека компанијата го лажела Илон Маск

111

Поранешниот шеф на безбедноста на Твитер, Пeјтер Затко, рече дека компанијата го „лажела“ Илон Маск во врска со лажните сметки на платформата, се наведува во жалбата на свиркачот објавена од Вашингтон пост.

Во жалбата поднесена во јули до Комисијата за хартии од вредност, Федералната трговска комисија и Министерството за правда, Затко ги елаборира безбедносните практики на Твитер, кои тој ги карактеризира како опасни и несоодветни.

Во делот на жалбата насловен „Лажење на Илон Маск за ботови“, Затко, познат хакер  го обвинува Твитер за неточно прикажување на мерките што ги применува во борбата против ботови и лажни сметки.

„Она што го видовме досега е лажен наратив за Твитер и нашите практики за безбедност, приватност и податоци, кој е полн со нелогични и лажни тврдења и нема контекст“, изјави портпаролот на компанијата за Business Insider.

Тој додава дека „обвинувањата и опортунистичкиот тајминг на Затко се чини дека се поставени за да привлечат внимание и да им наштетат на Твитер, неговите клиенти и акционери“. Тој, исто така, истакна дека безбедноста и приватноста долго време се едни од најважните приоритети во технолошката компанија и ќе бидат такви.

Според жалбата, Затко во 2021 година го прашал менаџерот на одделот за интегритет на страницата колку спам сметки има на платформата и добил одговор: „Навистина не знаеме“.

Во жалбата, исто така, се наведува дека Twitter користел „најчесто застарени, едноставни скрипти кои не биле следени“ за откривање на ботови и дека овие должности им биле доделени на вработените, кои биле преоптоварени и неефикасни поради недостаток на персонал.

Исто така, се вели дека Затко почнал да ја подготвува својата документација за дојавување во март 2022 година, пред Маск да изрази интерес за купување на социјалната мрежа.

Жалбата на Затко е еден од трите алармантни документи објавени од Вашингтон пост оваа недела. Детали за жалбите објави и Си-Ен-Ен.