Поранешна австриска министерка поднесе оставка од бордот на директори на „Роснефт“

73

Поранешната австриска министерка за надворешни работи Карин Кнајсел поднесе оставка од бордот на директори на рускиот нафтен гигант „Роснефт“.

Компанијата ја објави нејзината оставка, додавајќи дека се благодарни што „работеле заедно во изминатите 10 месеци во сенка на пандемијата и тешката меѓународна ситуација“.

Кнајсел беше шеф на дипломатијата од 2017 до 2019 година и придонесе за зближување на Москва и Виена.

Таа беше во центарот на вниманието на јавноста во 2018 година кога на својата свадба го покани рускиот претседател Владимир Путин, со кој танцуваше пред камерите.

Таа е само една од многуте функционери кои се на мета на јавноста поради нејзините блиски врски со Русија.

Да потсетиме, позициите во „Роснефт“ ги напуштија и поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, како и Матијас Варниг – извршен директор на гасоводот Северен тек 2.

Инаку, Кнајсел беше првата жена што се најде во управниот одбор на оваа руска компанија.