Пораснаа цените на нафтата

Цените на нафтата се искачија над 89 долари на меѓународните пазари во петокот, откако САД ги воведоа првите казни за сервисирање на руски пратки што ја надминуваат ценовната граница, поттикнувајќи ја загриженоста за снабдувањето.
На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше повисока за 3,30 долари во однос на затворањето на тргувањето завчера и изнесуваше 89,30 долари. Речиси за исто толку барелот поскапе на американскиот пазар каде се тргуваше по 86,23 долари.

Утрово Брент се тргува по цена од 90,89 долари за барел, додека американската по цена од 87,69 долари за барел.

На крајот на неделата пазарите ги потресоа американските санкции против сопствениците на танкери кои превезуваа руски барели со цени повисоки од 60 долари. Ограничувањето на цените беше воспоставено на ниво на групата Г7 со цел да се намали рускиот приход од продажбата на нафта и, индиректно, капацитетот за финансирање на војната во Украина.

Русија е втор по големина производител на нафта во светот и главен извозник, а построгата американска контрола врз нејзините испораки може да ја намали понудата, стравуваат пазарите.